User:Largoplazo/Macedonian

From Wikipedia, the free encyclopedia

Пред многу векови, кога човекот започнувал да учи како да живее во заедница со другите луѓе, постоеле поединци кои со својата мудрост и знаење ги воделе другите. Најчесто тоа биле најстарите членови на заедницата или оние кои во дадена област веќе се докажале, го стекнале потребното искуство за да можат да дадат објективно мислење на конкретната тема. Оваа појава продолжила и во наредните векови. Зависно од времето некогаш овие поединци кои ја имале довербата на народот биле црковни старешини, некогаш кралеви, војсководци, мудреци, учители. Заедничко им било тоа што имале доволно кредибилитет за своето мислење да го наметнат на дел од народот. Во денешно време личностите кои се истакнати во областа во која работат или кои успеале на друг начин да се стекнат со доверба кај широката јавност, често пати пишуваат колумни. Во литературата колумната претставува публицистички стил на искажување на мислење на конкретна тема. Притоа, битно е да се спомене дека текстот не е новинарски, нема за цел да презентира релевантни факти, ниту пак има за цел да го повика читателот да направи нешто. Според најтесното гледање на колумната, таа претставува искажување на мислење презентирано низ печатените медиуми.