Лос

Од Википедија — слободната енциклопедија
Лос
Мажјак
Женка
Научна класификација
Царство: Животни
Оддел: Chordata
Класа: Mammalia
Ред: Artiodactyla
Семејство: Cervidae
Потсемејство: Capreolinae
Род: Alces
Вид: A. alces
Научен назив
Alces alces
(Лине, 1758)
Распространетост на лосот
Синоними

Cervus alces Лине, 1758

Лосот (Alces alces) е најголемиот и најтешкиот претставник од фамилијата елени. Може да биде долг и повеќе од 3 м и тежок до 700 кг. Мажјаците се двојно поголеми од женките. Од другите елени се разликуваат по големите и широки рогови на мажјаците кои се сраснати во облик на лопата. Телото на лосовите е прекриено со темнокафеаво крзно, додека нозете им се светли и имаат широки чапунки за газење по кал или снег. Мажјаците на грлото имаат набрана кожа прекриена со крзно. Роговите ги отфрлаат секоја година, по што им растат нови. Лосовите живеат во шуми во близина на езера, мочуришта и други водени површини. Мошне добро трчаат, а изненадувачки добро пливаат и нуркаат. Лете влегуваат во вода и се хранат со водни растенија, а зиме јадат гранчиња од дрвја. Тоа се внимателни животни, најчесто активни во самрак, а дење воглавно се одмораат. Мажјаците лете живеат сами, а женките внимаваат на младите, додека зиме се задржуваат во поголеми или помали стада предводени од женки.

Живеалиште[уреди | уреди извор]

Мажјак и женка лос

Лосот обично живее во тајгите и умерените широколисни и мешани шуми на северната полутопка во умерена до субарктичка клима. Ловењето и другите човечки активности предизвикаа намалување на опсегот на живеалиштето на лосовите со текот на времето. Во моментов, повеќето лосови се наоѓаат во Канада, Алјаска, Нова Англија, скандинавските, балтичките држави и Русија.

Женка лос

Лосот живее во средина во која може да најде соодветна исхрана (пр. езерски треви, млади дрвја и грмушки), а вооено да е заштитен од грабливци како и од екстремно топло или ладно време. Во текот на годишните времиња лосовите патуваат помеѓу различни живеалишта за да ги задоволат овие потреби.[2] Лосот со својата дебела кожа, густо крзно кое ја задржува топлината и нискиот сооднос помеѓу површина и волумен е приспособен за живеење во ладни услови и одлично го толерира студот, но има ниска толеранција на топлина. Топлото време го преживува со повлекување на сенка, на провев или со потопување во ладна вода. На топло лосовите лесно можат да се најдат како шлапаат или пливаат во езерата или барите. Кога е многу изложен на топлина постојат големи шанси лосот да не се храни соодветно во лето, а со тоа и да не складира доволно сало за да ја преживее зимата. Женките исто така, може да не бидат во состојба да се отелат без потребното стекнување тежина во текот на летото. На лосот му е потребен пристап како до младите шуми за брстење, така и до старите шуми за наоѓање на засолниште.

Млад лос

Лосовите ги избегнуваат областите каде што има малку или воопшто нема снег бидејќи ова го зголемува ризикот од наидување на грабливци, како што се волците, и исто така ги избегнуваат областите со длабок снег бидејќи тоа ја намалува нивната подвижност. Поради тоа лосовите избираат средина која балансира со бројот на грабливци, достапност на храна и длабочина на снегот.[3] Со повторната појава на бизонот во тајгите се појави загриженост дека лосот и бизонот ќе се натпреваруваат за зимската животна средина, а тоа би довело до намалување на популацијата лосови. Како и да е, ваков проблем не се појави. Лосот го претпочита субалпскиот појас во рана зима, додека бизонот претпочита влажни ливади и пасишта. Во доцна зима лосот претпочита речни долини и листопадни шуми или алпски терени над шумата, додека бизонот претпочита влажни ливади и пасишта или сончеви падини.[4]

Изрежирана слика на лов на лос во Норвешка

Популација[уреди | уреди извор]

Северна Америка:

  • Во Канада : Се проценува дека има околу 500,000 до 1,000,000 лосови,[5] со 150,000 во Њуфаундленд во 2007 г. кои потекнуваат од само четирите кои беа претставени во 1900-тите.[6]
  • Во САД : Се проценува дека има околу 300,000:
    • Алјаска: Се проценува дека има околу 200,000 во 2011 г.[7]
    • Североисток: Проценето е дека има околу 50,000 во Њујорк и Нова Англија во 2007 г.[8]
    • Планинските држави: Во Вајоминг се наоѓаат најголем дел од лосовите во тој регион, проценети се 7,692 во 2009 г.[9]
    • Горниот Среден Запад: Мичиген се проценува дека има 433 во 2011 г.,[10] Висконсин 20–40 во 2003, Минесота 5600 во североистокот во 2010,[11] и околу 100 во северозападот во 2009.[12]

Европа и Азија:

  • Финска : Во 2009 г. имало популација од 115,000.[13]
  • Норвешка : Во 2009 г. имало популација од околу 120,000.[14] Во 2015 г. 31,131 лосови биле мета на лов. Во 1999 г. рекорден број од 39,422 биле уловени.[15]
  • Летонија : во 2015 г. имало околу 21,000.[16]
  • Естонија : 13,260[17]
  • Полска : 2,800[18]
  • Чешка : максимум 50[18]
  • Русија : Во 2007 имало околу 600,000.[19]
  • Шведска : Популација од околу 300,000–400,000. Околу 100,000 се ловени секоја есен.[20][21] Околу 10,000 годишно се усмртени во сообраќајни незгоди.[22]

Подвидови[уреди | уреди извор]

Евроазиски лос

A. a. alces Финска, Шведска, Норвешка, Летонија, Естонија и Русија. Го нема повеќе во централна и западна Европа освен во Полска, Литванија и Белорусија, со одредена популација во Чешка, Словачка и северна Украина. Многу мал број може да се забележи и во Шкотска, Велика Британија, а од скоро и во источна Германија. Мажјаците тежат околу 300 до 475 кг, а женките 275 до 375 кг. Висината на рамена варира од 1,7 до 2,1 м.[23]
Јакутиски лос, или средносибирски/Ленски лос[24]

A. a. pfizenmayeri Источен Сибир, Монголија и Манџурија. Најчесто може да се најде во шумите на источна Русија. Тоа е најчестиот вид на лос во Азија. Неговата распространетост почнува од реката Енисеј на запад и најголем дел од Сибир. Сличен е по големина на западниот лос од Канада.
Усурски или амурски лос [24] A. a. cameloides Распространет во Амурско-Усурската област на источна Русија, како и североисточниот дел од Кина. Од другите лосови се разликуваат по големината на нивните рогови кои се многу помали или воопшто ги немаат. Тоа е најмалиот подвид на лос со висина на рамената од 1,65 до 1,85 м, и тежина од 200 до 350 кг.[25]
Чукотски или источно сибирски лос[24]

A. a. buturlini Распространет е од североисточен Сибир преку Корјачкиот округ и полуостовот Камчатка. Тоа е најголемиот лос во Европа и Азија. Со својата големина може да се спореди, па дури и да го надмине алјаскиот лос (A. a. gigas). Мажјаците може да пораснат до 2,15 м височина и да тежат помеѓу 500 и 725 кг; женките се нешто помали.
Источен лос

A. a. americana Источна Канада, влучително и источен Онтарио, цел Квебек и Атлантска Канада. Североисточен САД вклучително и Мејн, Њу Хемпшир, Вермонт, Масачусетс, Рон Ајленд, Конектикат и северен Њујорк. Се забележува раст на популацијата. Ова е еден мал подвид на лос, женките тежат околу 270 кг, мажјаците тежат во просег 365 кг и мажјаците се високи 2 м.
Западен лос

A. a. andersoni Британска Колумбија до западен Онтарио, источен Јукон, Северозападни Територии, јужнозападен Нунавут, Мичиген (горниот полуостров), северен Висконсин, северна Минесота, и североисточна Северна Дакота. Средно голема раса каде возрасната женка тажи околу 340 до 420 кг, а возрасниот мажјак 450 до 500 кг.[26]
Алјаски лос

A. a. gigas Алјаска и западен Јукон. Најголемиод подвид од Северна Америка.[27]
Шираски лос

A. a. shirasi Колорадо, Ајдахо, Монтана, Орегон, Јута, Вашингтон и Вајоминг.[28] Најмалиот подвид во Северна Америка, тежок околу 230 до 344 кг.
† Кавкаски лос

A. a. caucasicus Кавказ. Изумрен поради губење на соодветна животната средина и претерано ловење. Можел да се најде во Иран, Русија, Грузија, Азербејџан и Турција.

Опис и анатомија[уреди | уреди извор]

Череп на лос

Рогови[уреди | уреди извор]

Роговите во тек на раст се покриени со тенок слој од крзно наречено „кадифе“. Крвните садови во кадифето носат хранливи материи за раст на роговите.

Мажјаците имаат рогови како и останатите претставници од фамилијата елени. Женките избираат партнер врз основа на големината на роговите. Мажјаците ја користат големината на нивните рогови со цел да ја заплашат и обесхрабрат конкуренцијата, а неретко доаѓа и до борба помеѓу соперниците.[29] Големината и стапката на раст на роговите зависи од диетата и возраста; симетријата го одразува здравјето на лосот.[29]

Роговите на мажјаците растат како цилиндрични греди кои се испакнуваат на двете страни од главата под прав агол на средната линија на черепот, а потоа се разгрануваат. Долниот крак од ова разгранување може да биде едноставно, или поделено на два или три забци, со понекое зарамнување. Роговите на лосот се широки и во форма на лопата со забци по должината на надворешниот раб.[29] Роговите на возрасен алјаски лос (стар 5 до 12 години) имаат максимален распон поголем од 200 см. До 13-годишна возраст роговите на лосот се намалуваат во големина и симетрија. Најголемиот забележан распон е 210 см. Алјаскиот лос исто така го држи рекордот за најтешки рогови со 36 кг.[29]

Млада женка (A. a. americana) на почеток на Јуни.

Пречникот на гредата укажува на возраста на лосот, а не бројот на забците.[29] Роговите на лосовите во Северна Америка (A. a. Americanus) вообичаено се поголеми од оние на евроазискиот лос и имаат по два лобуси на секоја страна, како пеперутка. Формата на роговите на евроазиските лосови потсетува на школка, со еден лобус на секоја страна.[29]

По сезоната на парење мажите ги отфрлаат роговите за да штедат енергија за зима. Новиот сет на рогови ќе порасне на пролет. Потребни се три до пет месеци за нивен целосен развој, што ги прави еден од најбрзорастечките органи кај живоотните. Покривната кожа со својот богато развиен систем на крвни садови ги исхранува роговите, а бројни фоликули на влакна и даваат кадифена текстура.[29] Младите лосови не ги отфрлаат роговите за време на зимата, туку ги задржуваат до следната пролет. Птиците, месојадците и глодачите ги јадат отпаднатите рогови кои се полни со белковини, а лосовите ја јадат покривната кожа за внес на хранливи материи.[29]

Ако мажјакот е кастриран, било случајно или хемиски, тој ќе го отфрли моменталниот сет на рогови и веднаш ќе порасне нов сет деформирани со изменета форма рогови кои ќе ги носи до крајот на животот без да ги отфрли повеќе. Овие израстоци со карактеристичен изглед (често нарекувани и „ѓаволски рогови“) се извор на митови и легенди кај Ескимите, како и кај некои други племиња на домородните народи од Северна Америка.[30]

Во исклучително ретки околности и кај женките може да пораснат рогови. Ова обично се должи на хормонски дисбаланс.[31]

Копита[уреди | уреди извор]

Како и сите членови од редот парнокопитари, на стапалото лосот има два големи кератинизирани копита кои соодветствуваат на третиот и четвртиот прст, со два мали постеролатерални рудиментарни прсти кои соодветствуваат на вториот и петтиот прст. Копитото од четвртиот прст е пошироко од она на третиот, но е пократко во должина. Ова стапало е приспособено за одење по меко тло.[32] Копитото се шири под товар, ја зголемува површината на газење, при што се ограничува потонувањето на ногата во мека почва или снег, а исто така се зголемува и ефикасноста при пливање.[33][34][35]

На цврсто тло мажјакот остава видлив отпечаток од рудиментарните прсти, додека женката и младенчето не оставаат. На меко тло или кал кај сите може да се види отпечаток од рудиментарните прсти.[36]

Крзно[уреди | уреди извор]

Крзното му се состои од два слоја, горен слој составен од долги влакна и мека волнена подлога. Влакната од горниот слој се шупливи, исполнети со воздух за подобра изолација, а исто така им помага да останат на површина додека пливаат.[37]

Гуша[уреди | уреди извор]

И мажјаците и женките имаат гуша или ѕвоно,[38] што всушност е кожна дипла под брадата. Нејзината вистинска намена сè уште не е доволно јасна, но се претпоставува дека е потребна при парење како визуелен и олфакторен сигнал или како знак за доминација кај мажјаците, како што се и роговите.[39]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Hundertmark, K. (2016). Alces alces. Црвен список на МСЗП. МСЗП. 2016: e.T56003281A22157381. doi:10.2305/IUCN.UK.2016-1.RLTS.T56003281A22157381.en. Посетено на 2 June 2018.[мртва врска]
  2. https://extension.unh.edu/resources/files/Resource003858_Rep5484.pdf
  3. Dussault, Christian, Jean‐Pierre Ouellet, Réhaume Courtois, Jean Huot, Laurier Breton, and Hélène Jolicoeur. "Linking moose habitat selection to limiting factors." Ecography 28, no. 5 (2005): 619-628.
  4. Jung, Thomas S., Sophie M. Czetwertynski, and Fiona KA Schmiegelow. "Boreal forest titans do not clash: low overlap in winter habitat selection by moose (Alces americanus) and reintroduced bison (Bison bison)." European Journal of Wildlife Research 64, no. 3 (2018): 25.
  5. „Hinterland Who's Who“. Hww.ca. Архивирано од изворникот на 2013-04-24. Посетено на 2013-05-25.
  6. „Newfoundland's 120,000 moose are descended from just four that were introduced a century ago“. Canadacool.com. Архивирано од изворникот на 2011-07-24.
  7. Interior Alaska Moose News (Fall 2011), p. 6, "How Do Scandinavia and Alaska Compare?"
  8. „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 2010-08-04. Посетено на 2010-08-20.
  9. "Wyoming moose numbers fall short", Billings Gazette, May 28, 2009
  10. "DNRE Survey Results Indicate Approximately 433 Moose in Western Upper Peninsula". Michigan.gov. 2017-05-25. Посетено на 2018-06-04.
  11. "2010 Aerial Moose Survey" (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2017-08-08. Посетено на 2018-06-04.
  12. „Moose Management and Research Plan Update“ (PDF). Посетено на 2018-06-04.
  13. RiistaWeb Архивирано на 24 јули 2010 г.. Riistaweb.riista.fi. Посетено на 2011-01-09.
  14. „Elgen truer skogen“ (норвешки). Aftenposten.
  15. „Elgjakt, 2015/2016“. Statistisk sentralbyrå.
  16. „zm.gov.lv“ (латвиски). zm.gov.lv. Архивирано од изворникот на 2015-10-06. Посетено на 2015-10-06.
  17. "Põtrade arvukust tahetakse oluliselt vähendada." Postimees 06.26.2013. Посетено на 6-27-2013. (естонски)
  18. 18,0 18,1 „Factsheet: Eurasian Elk (Elk, reindeer, roe deer (Cetartiodactyla Cervidae Capreolinae) > Alces alces)“. Lhnet.org. Архивирано од изворникот на 2013-07-27. Посетено на 2013-06-27.
  19. Baskin, Leonid M. (2009). „Status of Regional Moose Populations in European and Asiatic Russia“. Alces. 45: 1–4.
  20. „jagareforbundet.se“ (шведски). jagareforbundet.se. Архивирано од изворникот на 2013-12-03. Посетено на 2013-12-01.
  21. salenalgen.se Om älgar Архивирано на 20 јуни 2012 г.
  22. „Så många djur dödas i trafiken varje år | SvD“. Svd.se. 2003-12-29. Посетено на 2018-06-04.
  23. Smith, A. T., Xie, Y., Hoffmann, R. S., Lunde, D., MacKinnon, J., Wilson, D. E., & Wozencraft, W. C. (Eds.). (2010). A guide to the mammals of China. Princeton University Press.
  24. 24,0 24,1 24,2 „Asian Moose“. Bear Creek Journal. Архивирано од изворникот на 2013-06-20. Посетено на 2013-06-27.
  25. Jackson, K. (2009). Moose. Reaktion Books.
  26. „Moose in British Columbia“ (PDF). Ministry of Environment, Lands and Parks, British Columbia. Посетено на 2014-08-18.
  27. Franzmann, A. W., LeResche, R. E., Rausch, R. A., & Oldemeyer, J. L. (1978). Alaskan moose measurements and weights and measurement-weight relationships. Canadian Journal of Zoology, 56(2), 298-306.
  28. „Moose Status and Hunting in Washington By Dana L. Base, Associate Wildlife Biologist August 2004“. Архивирано од изворникот на June 21, 2007. Посетено на 2009-12-07.
  29. 29,0 29,1 29,2 29,3 29,4 29,5 29,6 29,7 Rodgers, Art (2001), „Appearance and characteristics“, Moose, Voyager Press, стр. 24–27, ISBN 978-0-89658-521-8
  30. Geist, Valerius (1998) Deer of the World: Their Evolution, Behaviour, and Ecology Stackpole Books.
  31. It’s a Bull Moose…No a Cow… Joe Viechnicki, KFSK – Petersburg 10-19-09
  32. Keller, Anna, Marcus Clauss, Evelyne Muggli, and Karl Nuss. "Even-toed but uneven in length: the digits of artiodactyls." Zoology 112, no. 4 (2009): 270-278.
  33. Lundmark, Caroline. Morphological and behavioral adaptations of moose to climate, snow, and forage. Vol. 2008, no. 67. 2008.
  34. Telfer, Edmund S., and John P. Kelsall. "Adaptation of some large North American mammals for survival in snow." Ecology 65, no. 6 (1984): 1828-1834.
  35. Pesaturo, Janet (17 April 2016). „Moose Hooves and Legs: Great Adaptations“. ouroneacrefarm.com.
  36. „Moose Tracks - What do Tracks From A Moose Look Like?“. All About Moose.
  37. „Big Game Hunting in Newfoundland“. Newfoundlandbiggamehunting.com. 2016-01-17. Посетено на 2018-06-04.
  38. „Moose“. britannica.com. 1999-07-23. Посетено на 2018-10-02.
  39. „Alces alces, Giant of the Northern Forest“. bioweb.uwlax.edu. Посетено на 2018-10-02.